Меѓународна конференција

Во организација на Здружение Центар за развој и едукација Прилеп на 28ми мај 2025 година во Прилеп се одржа меѓународна конференција посветена на темата „Социјални и здравствени услуги во заедницата”.

Конференцијата ги обедини професионалците, давателите на услуги и креаторитe на политики за да споделат сознанија и достигнувања во домашната нега и здравствените услуги. Таа отвори дијалог, размена на добри практики, истражувања и иновации во полето на социјални и здравствени услуги во домот, осврнувајќи се на улогата на институциите, невладиниот сектор, професионалците, но и семејствата и заедниците во градењето на еден систем кој е фокусиран на достоинството, потребите и правата на корисниците. 

Во својот поздравен говор, Марина Тошеска претседателка на Здружението Центар за развој и едукација Прилеп повика на обединето делување, градење мрежи на поддршка, солидарност и активна грижа за градење на глобално општетсво каде „Никој не треба да биде оставен сам.“ Тоа е основата на вистинската социјална правда. 

Градоначалникот на град Прилеп – г-н Борче Јовчески ја потенцираше улогата на општините во креирање и испорака на социјални услуги, и отвореноста на општина Прилеп за партнерство, и заемна поддршка за да создадеме социјални и здравствени промени што граѓаните ги заслужуваат. 

Директорот на ЈУ Меѓуопштински Центар за социјална работа Прилеп – г-н Зоран Малкоски во своето поздравно обраќање ја потенцираше улогата на оваа институција во поддршката кон давателите на социјални услуги, а воедно и помошта на корисниците на услуги и нивните семејства во справувањето со сложеноста на социјалната и здравствената заштита, управувањето со психосоцијалните проблеми и пристапот до ресурсите на заедницата. 

Свое обраќање имаше и Проектниот координатор на проектот ТРАНСАКТ – г-н Стефан Нидермосер од Република Австрија во рамки на кој се обезбедува спектар на социјални и здравствени услуги односно домашни посети од медицинска сестра, физиотерапевт, психолог, и/или социјален работник. Г-н Нидермосер потенцираше дека заедницата не е само корисник на услуги – таа е дел од решението, и дека со примена на bottom up пристап се создаваат успешни социјални и здравствени услуги во домот. 

Република Австрија е една од најдобрите држави во Европа, па и пошироко од перспектива на социјален систем и достапни социјални услуги за различни категории на граѓани во социјален ризик. Г-н Харалд Фугер - Аташе на Австриското Сојузно Министерство за труд, социјална политика, здравство, нега и заштита на потрошувачи го презентираше системот за социјални услуги во Република Австрија. Долги години Република Австрија обезбедува поддршка за нашите институции и граѓански организации во развој на социјален модел согласно австриските пристапи кој ќе опфати права и услуги кои ќе одговорат на реалните потреби на нашите граѓани и ќе придонесат за поквалитетен живот и инклузивни и праведни заедници.  

Во текот на конференцијата се одржаа три панел дискусии. Едната панел дискусија се фокусираше на заложбите на општините во развојот на социјални услуги и во неа свое излагање имаа г-дин Кристијан Франк – градоначалник на општина Хернбаумгартен, г-ѓа  Дорис Штадингер – градоначалничка на општина Швахендштадт, Австрија, г-н Зоран Хегедиќ = екс градоначалник на општина Брезнички Хум, Хрватска и г-н Борче Јовчески- Градоначалник на општина Прилеп. 

Втората панел дискусија се осврна на предизвиците и придобивките на социјалната услуга Помош и нега во домот. Панелистите  Драгана Јосифоска и Џулијана Куковска– координатори на социјална услуга, Хари Велески – претставник од Меѓуопштинскиот Центар за социјална работа Прилеп односно водител на случај и координатор на услуги и Алдина Делевиќ – негувател дадоа краток увид за услугата помош и нега во домот, соработката на давателот на услуга со центарот за социјална работа, и споделија приказни од испораката на услугата Помош и нега во домот потенцирајќи ја важноста на оваа услуга за корисниците, нивните семејства и локалната заедница. 

Последната панел дискусија ја опфати темата Здравствени услуги во заедницата и преку оваа панел дискусија панелистите Г-ѓа Сајмира Ајдерај – претставник на Здравје за сите од Република Албанија,Сара Богданоска – психолог во рамките на проектот ТРАНСАКТ, Оливера Русеска – медицинска сестра во рамките на проектот ТРАНСАКТ и Ивана Макешоска – социјален работник во домот се обидоа да одговорат на отворени прашања кои нè засегаат за преку идентификување на проблеми и можности да заедно придонесеме кон поефикасен и поправеден здравствен систем во нашите заедници. 

Преку дискусиите се отворија прашања, се посочија добри примери и на се идентификуваа нови можности за развој и подобрување на социјалните и здравствените услуги во заедницата. Оваа конференција е потсетување дека без разлика каде сме, сите ние имаме иста цел – пристап до можности и услуги кои ќе загарантираат инклузивност, достоинство, и рамноправност на секој еден во заедницата, во општеството. 

-
May
28
2025